„Лајбах“ на 27 март во МКЦ ќе го претстават „Така зборуваше Заратустра“

Култниот словенечки авангарден индустријал-бенд „Лајбах“ на 27 март 2018 година во Скопје ќе го претстават новиот албум „Also Sprach Zarathustra“ („Така зборуваше Заратустра“).

„По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех, се враќа кај нас и тоа првпат во МКЦ, во многу поинтимна атмосфера од било кога досега“, велат од „Таксират“ .

Музиката за новиот албум, „Лајбах“ ја компонираше за театарската претстава „Така зборуваше Заратустра“, основана на едно од најзначајните филозофски дела на Фридрих Ниче, а која ја режираше Матјаж Бергер во Антон Подбевшек театарот во Ново Место.

„Скопскиот концерт е во рамки на европската турнеја за овој албум, на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, а кои не ги изведувале со години“, стои во најавата за концертот.

„Early bird“ влезниците за овој настан на „Таксират 20“ со строго ограничен капацитет, се во продажба по цена од 500 денари.

Во продолжение, прочитајте го повторно интервјуто со Иван Новак од „Лајбах“, кое Радио МОФ го правеше за време на овогодинешната конференција за друштвен активизам „Engage“:

[Интервју] Иван Новак од „Лајбах“: По нашиот концерт во Северна Кореја, светот открива земја за која правеше вицеви