КСЗД со барање да биде пријател на судот во постапка за дискриминација врз лицата со попреченост

Новоформираната Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) информира дека прв пат ја искористила својата законската надлежност за поднесување барање до Основниот граѓански суд во Скопје, за овозможување да дејствува во судска постапка за заштита од дискриминација како пријател на судот (amicus curiae).

Станува збор за судска постапка за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis), поведена од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која се однесува на дискриминација врз лицата со попреченост во пристапноста до и во избирачките места.

„Комисијата, како професионално тело за еднаквост, во барањето за вклучување како пријател на судот даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост на Организацијата на Обединетите нации кои се однесуваат на соодветното приспособување, општа пристапност, еднаквост и недискриминација vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување лицата со попреченост да го остварат правото на глас, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот на лицата со попреченост. Дополнително, Комисијата во овој поднесок изврши и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основ на попреченост, заради необезбедно соодветно приспособување“, соопштуваат од Комисијата.

Од таму објаснуваат дека аmicus curiae, или пријател на судот, е професионално лице, организација или тело кое не е странка во судска постапка, но со својата експертиза, искуство и информации во одредена област може да го советува судот за одредена правна материја, која е предмет во судска постапка.

Повеќе информации за тоа како телата за еднаквост може да се јават како пријатели на судот, може да се прочита во публикација на Молдавскиот Совет за еднаквост и Советот на Европа.