За прв пат судот казни дискриминатор по барање поднесено од КСЗД

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација посочуваат дека судот за прв пат казнил дискриминатор по барање поднесено од нивна страна. Станува збор за случај во кој Комисијата утврдила дискриминација во претставка против вработени во МВР – СВР Куманово.

„Во претставката, подносителот има наведено дека во повеќе наврати врз него е вршена дискриминација и вознемирување од страна на службени лица во СВР Куманово, при што му е создавана професионална деградација и континуирана несигурност“, велат од Комисијата.

Комисијата утврдила вознемирување и препорачала дискриминаторите да се извинат на подносителот во присуство на претпоставен раковдител и да ја известат КСЗД  во рок од 30 дена.

„Поради непостапување по препораката, Комисијата поднесе прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, при што Основниот суд во Куманово, четворицата дискриминатори ги прогласи за виновни“, велат од КСЗД.

Поднесени се и прекршочни санкции, односно едно лица е казнето со глоба од 400 евра, додека второобвинетиот, третообвинетиот и четвртообвинетиот треба да платат казна од 250 евра, во рок од осум дена.