Децата треба да ги имаат презимињата од двата родитела, одлучи италијанскиот Уставен суд

Уставниот суд во Италија одлучи дека децата при раѓање треба да ги добиваат презимињата од двата нивни родители.

Вчерашната одлука ја менува долгогодишната традиција во земјата во кои новороденчињата по автоматизам го добиваа презимето на нивниот татко.

Судот пресуди дека оваа историска норма е „дискриминаторска и штетна по идентитетот на детето“ и додаде дека двата родитела треба да го изберат презимето.

Во судската одлука се наведува дека децата и понатаму ќе можат да имаат едно презиме доколку мајката и таткото се согласат на такво нешто.

Сега италијанскиот Парламент треба да усвои законски промени кои ќе бидат во согласност со одлуката на Уставниот суд.

„Ова прашање се провлекува од еден до друг парламентарен состав. Конечно е време да се донесе одлука“, изјави Рене Гебхард, претседател на Јужнотиролската народна партија.

„Сега на Парламентот останува да го направи овој цивилизациски чекор напред. Родителите имаат подеднаква одговорност и еднакви права. Повеќе нема да има дискриминација која ги казнува мајките на децата“, додава Лора Болдрини, пратеничка од Демократската партија.

Италијанската министерка за семејство, Елена Бонети, на социјалните мрежи најави дека владата целосно ќе го поддржи новиот закон.

„Треба да дадеме суштина на оваа судска одлука и ова е висок приоритет и итна задача на политиката“, напиша Бонети.