Критична маса #73: 6 години Скопје врти кон светлата страна

73-тата Критична маса, која е најавена за среда – 30-ти мај, ќе биде посветена на шесте години откако оваа иницијатива започна во мај 2012 година. 72 месеци оттогаш, секоја последна среда во месецот, граѓаните на велосипеди испраќаа пораки за трансформација на градот за подобри услови за велосипедистите.

„6 години вртиме не само за промени туку и да се собереме оние што веруваме. Да се собереме на купче, да видиме дека нè има сè повеќе, да се дружиме, да се охрабриме.
Не славиме само 6 години критична маса. Славиме 6 години рој точаци по улиците, 6 години насмеани лица по улиците, 6 години побушави коси од останатите (и не ни е гајле), 6 години ѕрн-ѕрн поздрави на минувачите, 6 години кревање точаци на целта“, порачуваат организаторите.

Почетокот е најавен за 17:30 часот од Плоштад Македонија, а покрај Критичната маса ќе се одржи и изложба на сите досегашни 73 постери во новиот објект на НУБ, како и забава на платото пред НУБ.

„Славиме 6 години зашто во тие 72 месеци сме отвориле барем 72 различни теми и заедно со сите кои возат на Критична Маса сме упатиле 72 различни пораки. Ги славиме сите илјадници луѓе кои овие 6 години барем еднаш дојдоа на Критична Маса. Го славиме секој нов точак на улиците!
Ги славиме промените кои иако се мали, сепак се евидентни и влијаат мотивирачки кон луѓето. Вака мали промени и тоа само на неколку булевари во Скопје доведоа до пораст на бројот на оние кои го избираат точакот како превозно средство. Замислете каков ќе ни е градот поубав ако промените продолжат“, додаваат од иницијативата.