„Критичко преиспитување на правото“ – серија предавања и симпозиуми на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Со предавањето на професорот Елвио Бакарини, од Универзитетот во Ријека, на 22 декември, започнува серија наастани на Правниот факултет „Јустинијан Први“ под насловот „Критичко преиспитување на правото“. Најавени се повеќе јавни предавања на домашни и странски научници и истражувачи, затворени симпозиуми и објавување на текстови поврзани со темите кои ќе бидат обработени во текот на претходно споменатите настани.

Организаторите информираат дека централната тема произлегува од современата критика на правото, и различно организираните методолошки и содржински пристапи кон таквата критика поделени во четири дела: психоанализа и право, биополитика и право, мултикултурализам и право и авторитаризам и право.

Активностите ќе започнат во рамки на тематската целина „мултикултурализам и право“, со јавното предавање со наслов „Темите на уставот во плуралните општества“ на проф. д-р Елвио Бакарини од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ријека, на 22 декември, во 14 часот на Правниот факултет (депозитна библиотека).

„Со оглед на тоа што проф. д-р Бакарини е еден од најдобрите познавачи на делото на Џон Ролс во регионот, неговото предавање ќе биде фокусирано на тоа – како Ролсковскиот концепт за правда може да биде разложен низ уставните механизми во општества во кои постои плуралност на начини на живот, групи и индивидуи. Проф. д-р Бакарини предава на Филозофскиот факултет во Ријека и ги покрива научните области како: Етика, Теории за демократијата, Држава, права, индивидуа и заедница, Политичка филозофија, Граѓанска непослушност и др“, посочуваат организаторите.

Информации во врска со настаните кои ќе се одржуваат во следниот период ќе можат да се најдат на фан страницата на Фејсбук или преку електронската адреса: kritika.pravo@gmail.com.