„Креативна верига“ распиша конкурс за најдобра необјавена детска песна „Тоде“

Здружението „Креативна верига“ објави конкурс за најдобра необјавена детска песна „Тоде“, во чест на поетот и писателот за деца, Тоде Илиевски.

Организаторите појаснуваат дека од песната се очекува да ги исполнува општите начела на книжевноста (лириката) за деца.

„Сепак, со посебно внимание ќе бидат разгледувани и оние творби што ќе ги земаат предвид особеностите на наследството на Илиевски, неговиот однос кон книжевноста и културата и пред сѐ поетиката на неговата поезија за деца“, велат  од „Креативна верига“.

Од Здружението истакнуваат дека пристигнатите песни ќе ги оценува тричлено стручно жири во состав на Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски, а за трите најдобри песни се предвидени парични награди, односно 9.000 денари за I место, 6.000 денари за II место и 3.000 денари за III место.

Авторите својата необјавена песна треба да ја испратат во засебен документ (.doc, .rtf.) на е-маил адресата: kreativnaveriga@yahoo.com заклучно со 21 февруари 2023 година.

„Секој автор може да учествува со само по една песна. Во текстот на електронската пошта потребно е да бидат наведени името и презимето на авторот, како и телефонски број за контакт. Со цел да се обезбеди анонимност, сите пристигнати песни, без податоците на авторите, од страна на организаторите ќе бидат препратени во посебен документ до стручно тричлено жити, кое по принцип на бодување прво ќе направи потесен избор на творби, а потоа ќе ги одбере и трите победнички песни“, истакнуваат организаторите.

На 7 март 2023 година, се полнат 71 година од раѓањето на Тоде Илиевски. Добитниците на наградите ќе бидат објавени на настанот посветен на Тоде Илиевски, кој ќе се одржи на 7 март во Охрид, а наградените песни и песните што ќе влезат во потесниот избор ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание за книжености и друга уметност „(е)Лит“.