[Кратко, ем јасно] Зоран Ѓорчевски: Тајната за успех во спортот е во дисциплината и амбициозноста

Зоран Ѓорчевски е лиценциран кошаркарски тренер, дваесет години активно се занимавал со кошарка. Покрај кошарката, пет години се занимавал со фудбал. Голем интерес има и кон шахот со кој активно се занимавал четириесет години. Бил претседател на шест спортски клуба кои ги водел дванаесет години.

Кои се Вашите достигнувања во спортот?

Најголемо достигнување за мене е што имав можност да работам со млади луѓе кои се заинтересирани и сакаат да ги обучам за спортот. Бев дванаесет години претседател на шест спортски клуба за ракомет, кошарка, шах, фудбал, карате, пинг понг. Директорката на Народна Банка ми честиташе бидејќи во клубовите никогаш не недостигаа пари, а секогаш сè беше обезбедено за младите спортисти. Ако морам да издвојам, едно од најважните достигнувања, беше во 1997-та година – победата на Шаховски клуб „Младинец“ кој тогаш влезе во првата македонска лига.

Што би им препорачале на младите кои почнале да се занимаваат со спорт. Како да напредуваат во спортот?

За еден спортист да напредува мора да има желба и мотивација за да не се откаже при првата потешкотија. Да избере добар клуб и тренер што ќе го обучи. Треба редовно да тренира, да се храни здраво, да има исхрана богата со витамини и протеини, благото и газираните сокови треба да се исфрлат. Пожелно би било да се тренира секојдневно, минимум еднаш на ден, за да се напредува.

За крај, која е Вашата тајна за успех во спортот. Како една личност да стане професионален, успешен спортист?

Мора личноста да е амбициозна и дисциплинирана, да се сконцентрира на тоа што го прави, да оди редовно на тренинзи и да ги слуша советите на тренерот.

Aвторка: Ана Ѓорчевска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески.