[Кратко, ем јасно] За приликите и неприликите во македонската култура и образование

Историчарот Васко Гичевски е првенец на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје и дипломирал со просек 10.00, а е прогласен и за еден од најдобрите студенти на УКИМ во 2019/2020 година. Добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“.

Гичевски е автор на 16 научни труда, учествувал во многу проекти од сферата на културата и образованието. Со него зборувавме за проблемите со кои се соочуваат културата и образованието кај нас.

Гичевски, Ве молам за Ваше стручно мислење за моменталната состојба на културата и образованието кај нас? Дали сметате дека културата и образованието кај нас се директно зависни од политичките фактори?

Во моментов најрелевантна оценка којашто може да се даде е дека имаме култура и образование во тотален колапс и тоа е една состојба која трае скоро една деценија. Основната причина за сето ова е нефункционалната економија. Во суштина, ние немаме доволно средства за развој, а образованието, науката и културата се сведени на преживување. Тоа воглавно се однесува на делење плати и тука се троши најголемиот дел од буџетите на институциите, додека за надградба, обновување, нови проекти и потфати воопшто нема средства, ниту пак во догледно време, сходно на економската криза ќе има.

На вториот дел од прашањето, ќе речам дека се апсолутно се зависни! Секторите култура и образование како и сите други сектори се столбови на државата и по правило не треба да зависат од политичката милост. Од друга страна ние сме партизирана држава, или поинаку кажано тоталитарна држава. Партијата и државата се слеани заедно, со таа разлика што сега на секои четири години различна партија се менува и прави симбиоза со државата, за разлика од стариот тип на тоталитарни држави каде една партија владееше или сè уште владее со децении. Во тој контекст, главниот интерес на партијата на власт е да ги наполни институциите со свои кадри, гласачи и поддржувачи, односно државниот сектор е нешто што јас го нарекувам „економија на гласови“.

Што треба да стори млад стручен кадар за да успее да добие вработување во двата ресора? Дали сметате дека клиентелизмот е длабоко навлезен во клучните институции на образование и култура?

Пред сè, треба да најде слободно место, или пак место коешто надлежното министерство ќе сака да го финансира. Соодветен пример за ова се низа на музеи кои немаат стручни кадри, а министерството не им дава одобрение да вработат кадри, макар тие имале не една, туку пет членски книшки, едноставно државата нема средства кои сака да ги вложи во таа дејност.

Работата во образованието, пак, зависи од бројот на деца и бројот на часови. Тоа што е позитивно е што законски сите со висок успех имаат предност пред другите кандидати. Тука, доколку се соочите со неправда, едноставно треба да имате порив и желба за борба. Приговори, тужби, молби, жалби… се дел од традиционалниот начин на справување со овие проблеми. Секој млад кадар треба да е спремен да се судри со сцили и харибди на својот пат кон извршување на професијата за која се определил, и тоа не е еднаш туку тaа борба е перманентна во текот на целото работење. Првиот момент кога ќе се уморите и подзастанете, оставате шанса да ве елиминираат по кој било однос.

Имено, целокупниот назив за нашето општество може да биде клиентелизам. Доколку знаете дека кај нас сè се дели и распределува главно на партиски приврзаници, тогаш апсолутно може да се каже дека владее полн клиентелизам. Тоа е проблем кој нè мачи со децении, и веќе дури не се ни перципира како проблем туку како начин на работа и живеење. Едноставно сите знаат дека шансите за добивка на нешто им се поголеми доколку се блиски или имаат каков било однос со владејачката гарнитура.

Според Вас, што треба да се промени за да се унапредат двата ресора?

Пред сè да се департизираат. Да се прекине со тие штетни политики на вработување неквалитетни кадри за сметка на гласови. Треба исто така да се подигне реалниот раст на економијата, бидејќи сиромашно општество не може да развива култура и образование. Тоа, ние историчарите сме го виделе милион пати низ историјата и тоа е онаа поука која ми одекнува во главата, кога и да погледнам што се случува во државата. Требаат силни економски промени, тотално менување на целиот економски систем и сопственичките односи. За жал, ние како генерација сме сведоци на пропаста на капиталистичкиот систем на глобално ниво, сакал некој или не, тоа да го верифицира. Нашиот пат во иднината лежи во развојот на нови сопственички односи, на нови општествени вредности, пред сè на еднаквост и хуманост, нешто што пак ќе го стави човекот во фокусот на нештата.

Автор: Даниел Ѓорѓевски

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески