Контра кадар: Проекција на „Будала“ и дискусија во „Кино Култура“

Кратката есенско-зимска сезона на „Контра кадар“ во понеделник од 20 часот во „Кино Култура“ се затвора со филмот „Будала“ („Дурак“, 2014) на еден од водечките гласови на современата руска кинематографија, мајстор на двосмисленоста, Јуриј Биков, кој се јавува како сценарист и режисер.

Дима Никитин, млад водоводџија, решава да се соочи со локалната корумпирана и порочна власт за да ги спаси животите на 800 луѓе во старо живеалиште, која може да се сруши во секој миг. Соочувањето подразбира големи премрежја и жртви, но клучото прашање кое го потцртува подвигот е: „За кого?“.

„Како да постапи човекот кој се наоѓа меѓу Сцилата на моќта и Харибдата на апатијата, столченоста на обичните луѓе? Што го тера човекот да направи повеќе одошто мора и до какви последици доведува тоа? За низа вакви прашања кои ги загатнува суптилно сплетениот филмски текст на ‘Будала“ ќе водиме отворена дискусија по филмот“, стои во најавата на настанот на „Контра Кадар“.

Инаку, дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е културна иницијатива што организира седмични филмски проекции по кои следува дискусија за прашањата што филмот ги загатнува. Филмот служи како референтна точка за дикскусиите, но заедничката рефлекција на отворените прашања е главната цел на седмичните собири, додека анализата на самиот филм е во втор план.

„Филмската програма на „Контра кадар“ е жанровски, стилски и тематски хетерогена, а дебатниот формат не е фискен, иако има некакви контури кои ја гарантираат можноста за еднакво и целисходно учество во дискусијата на сите присутни. Цел на иницијативата е да одржува континуирана филмска и дебатна култура и да овозможи споделување на мислењата на што повеќе поедници по однос на привремено или постојано актуелните општествени теми“, велат од „Контра кадар“.