Концертна промоција на соло албумот „Пази куче“ од Васко Атанасоски

Македонскиот андрграунд изведувач Васко Атанасосоки ќе одржи два концерта на кои ќе го промовира својот прв соло-албум „Пази куче“. Албумот излезе во октомври минатата година во издание со „Џинџер рекордс“ од Хрватска, заедно со „Балкан велики“, издавачката куќа на Атанасоски.

Атанасоски е продуцент, автор на текстовите, музиката и аранжманите, како и вокал, гитарист и басист.

Соработници за ова издание се Дени Крстев (програмирање на ритамот, клавијатури), а воедно и сите песни на албумот се снимени и мастерирани од Крстев во неговото „Студио 1060“, Кристина Горовска од „Бернајс пропаганда“ и Мајк Ват („Минитмен“, „Стуџес“), кој исто така е автор на фотографијата за задната страна на албумот. Иван Антуновиќ го направи дизајнот.

Концертите ќе се одржат на 23 и 24 март во Кинотека на Македонија, од каде што и можат да се набават билетите, во претпродажба по 200 денари, а на самиот влез пред концертот цената ќе изнесува 300 денари.