Концерт на германскиот пијанист Штефен Шлаермахер на Денови на македонската музика

На втората фестивалска вечер од „Денови на македонска музика“, во Музејот на Град Скопје концерт ќе одржи германскиот пијанист и композитор Штефен Шлаермахер.

„Првпат во Македонија ќе бидат изведени значајни дела од некои од најважните композитори на 20 век, како Веберн, Штокхаузен, Месијан, како и од самиот пијанист“, соопшти СОКОМ, организатор на фестивалот.

Меѓу осумте композиции на концертната програма, ќе биде изведена и „Вечерен ѕвон“ на Гоце Коларовски од 1992 година, и уште две премиерни изведби на композиторите Александар Пејовски и Јана Андреевска, наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура.

Пијанистот, композитор и промотор на фестивали и концерти Штефен Шлаермахер (Хале, 1960) денеска претпладне во ЕУ Инфоцентарот ќе одржи и предавање на тема „Композиција – случај или инспирација?“.