Концерт на „Algiers“ на 10 октомври во Скопје

Американското инди-рок трио што комбинира елементи на пост-панк и но-вејв со блуз, госпел, па дури и рана индустриска музика „Algiers“, на 10 октомври ќе има концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Концертот ќе започне во 21 часот.

„Почнуваат со работа во 2009 во Атланта, Џорџија кога гитаристот Lee Tesche и басистот Ryan Mahan, и двајцата дел од градската полетна андерграунд рок и ноиз сцена, го среќаваат вокалистот и гитаристот Franklin James Fisher, чии музички корени потекнуваат од големата црнечка госпел традиција на Југот, соул-блузот на Nina Simone и остар фанк. Сите членови на бендот свират перкусии и клавијатури и програмираат тапани. Триото почнува да пробува и да свири концерти, комбинирајќи најразлични влијанија и вадат хибриден нивни личен звук што содржи и даб, панк и афро-фанк. Зад себе имаат 4 студиски албуми: ‘Algiers’ (2015), ‘The Underside of Power’ (2017), ‘There is no year’ (2020) и последниот ‘Shook’ (2023) на кој како гости се појавуваат Big Rube, Zack de la Rocha, billy woods, Nadah El Shazly, Lee Bains III и други. Нивната нова музика, критичарите ја опишуваат како ‘пркосна, жанровски сеопфатна техниколор журка на стар куќен трем во рурална Атланта’. Едноставно, експлозивен концерт во најава“, се посочува во најавата за концертот.

Покрај „Algiers“, ќе свири и дарквејв бендот од Лајпциг, Германија „Left for Pleasure“. Нивниот звук, како што посочуваат организаторите, го карактеризира темнa и меланхолична атмосфера, со по некој зрак на надеж.

„Музички, со нивните настапи, гледаат да создадат длабокo емотивно искуство со присутната публика. Left for Pleasure се дел од програмата #Liveurope за поддршка на млади и надоаѓачки бендови. LIVEUROPE e првата паневропска иницијатива, која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти. LIVEUROPE е мрежа кофинансирана од програмата на Креативна Европа“, велат од МКЦ.

Билетите чинат 400 денари и можат да се купат на следниов ЛИНК.