Компромис меѓу учениците од МИГ и директорката, објавен и нов оглас за вработување професор

По неколкудневниот бојкот на настава заради незадоволство од новите професори, учениците во трета година од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) и директорката постигнаа компромис – објавен е нов оглас за вработување стручно лице. 

На сајтот на училиштето каде се изучува математика, физика и информатика на напредно ниво, од вчера е ставен нов јавен оглас за ангажирање на професор за предметите Програмирање, Интелигентни системи и Напредно програмирање.

Ученичката Емилија Николовска за Радио МОФ изјави дека до објавувањето на огласот таа и нејзините соученици воопшто не ја посетиле наставата по овие три предмети.

„Ќе беа четири, но една професорка ни ја вратија по направен инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат. Беше извршено ново рангирано на професорите и неа ни ја вратија“, изјави ученичката.

Николовска додаде дека сега немаат настава поради што трае процесот на ангажирање на нов професор за посочените предмети, а се надева и дека со огласот наскоро ќе добијат, како што рече соодветен професор со кого ќе ја продолжат наставата по трите предмети.

За тоа дека бил извршен увид од Просветниот инспекторат во училиштето потврдија и од Министерството за образование и наука (МОН).

„По однос на настанатата ситуација информираме дека Државниот просветен инспекторат направи увид во постапката за избор на стручни соработници во училиштето, кои беа одбрани преку последниот објавен повик, изготвен е записник и се очекува по доставувањето до училиштето, директорката да постапи согласно насоките“, се вели во дописот од Министерството.

Директорката на Гимназијата ни потврди дека по комуникацијата со МОН успеале да ги надминат недоразбирањата.

„Јас како директор на гимназијата од почетокот бев во постојани разговори и со учениците и со родителите се со цел да се најде заедничко решение, а учениците поскоро да се вратат на часови. За оваа ситуација постојано бев во контакт со МОН и сметам дека успеавме да ги надминеме недоразбирањата, а учениците веќе редовно по сите часови ја следат наставата“, изјави директорката Јулија Гајдаџиева која е со став дека интересот за упис во ова училиште секоја година е сè поголем, а, како што рече, така ќе биде и годинава.

Претходниот месец, учениците од трета година одржаа протест пред училиштето, потоа со нивните родители и пред објектот на МОН кога побараа да им се вратат старите професори, истакнувајќи дека вработените на последниот конкурс не ги исполнуваат критериумите да предаваат во ова училиште.

По ова, учениците излегоа со став дека решението ќе го бараат во средбата со министерот за образование, Јетон Шаќири, а доколку не постигнат ништо ќе размислуваат да се отпишат.

Незадоволни од новите професори, учениците од МИГ бојкотираа настава

Ангела Бошкоска