Компанијата Тесла мора да му исплати 130 милиони долари на поранешен вработен поради расизам

Американскиот федерален судија вчера и наложи на компанијата Тесла да плати оштета од над 130 милиони американски долари на поранешен афро-американец вработен во компанијата, откако било откриено дека бил изложен на расно неприајтелска работна средина, пренесува „Н1“.

Судијата утврди дека компанијата не презела разумни чекори за да спречи расно малтретирање на Овен Дијаз кој работел како оператор на кран во фабриката Тесла Фремонт во 2015 и 2016 година.

Во пораката до вработените објавена од Тесла на нивната веб-страница се наведува дека судењето се однесува на расни навреди што се случиле во фабричкиот погон и поради расистички графити во тоалетите.

Исто така, се наведува дека кога Дијаз три пати се жалел на малтретирање, компанијата интервенирала и се погрижила да преземат мерки.

„Додека силно веруваме дека овие факти не ја оправдуваат казната што ја изрече поротата во Сан Франциско, ние признаваме дека 2015 и 2016 година не беа совршени“, соопштија од Тесла.

Минатата година, производителот на автомобили во својот прв извештај за расна разновидност откри дека афro-американците сочинуваат четири отсто од водечките позиции на Тесла и десет отсто од работниците.