Компанијата „Лифт“ призна дека документирала 4000 тврдења за сексуални напади

Превозната апликација „Лифт“ добила над 4000 тврдења за сексуални напади за време на возењето, во периодот од 2017 до 2019 година. Ваквите бројки компанијата ги објави во нов извештај, пренесува „Гардијан“.

Во својот извештај, компанијата нагласила дека тврдењата за сексуални напади собрани преку апликацијата, се искачиле од 1096 во 2017, до 1225 во 2018 и 1807 во 2019.

Над половина од инцидентите во 2019 година биле пријавени како „несогласно допирање по полов орган“. Дури 156 пријави имало за несогласна пенетрација, а во извештајот се документирани и 10 фатални напади од 2017 до 2019 година.

Превозните апликации се мета на критики поради проблемите со безбедноста, па жртвите и членовите на Конгресот ги притискаат платформите да преземат одговорност и да делуваат.

Алисон Туркос, њујорчанка, го тужела „Лифт“ тврдејќи дека возачот сексуално ја нападнал во 2017 година. Таа изјавила дека „Лифт“ немало да го објави извештајот за сексуалните напади доколку компанијата не била под притисок од неа и други жени кои преживеале сексуален напад.

„Сексуалните напади при делба на превоз се систематски проблем кој компанијата активно бира да го игнорира. Истоштувачко е да бараш одговорност од компанија која вреди милијарди, но јас нема да попуштам. Заслужуваме подобро“, напишала Туркос на „Твитер“.