Слепите лица ќе добијат аудио читач кој текстот ќе го претвора во глас на македонски и албански

За два месеци треба да биде изработена апликација која на слепите и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушаат во аудио верзија. Проектот денес на пресконференција го најавија од Министерството за труд и социјална политика кој го развиваат заедно со Програмата за развој на Обединетите Нации и во партнерство со Националниот сојуз на слепи.

Дигиталната апликација – „аудио читач“ е предвидена да биде бесплатна и достапна за сите. Ќе има верзија и на македонски и на албански јазик, како и мобилна и декстоп верзија

За Претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски, изработката на аудио читачот претставува исчекор во квалитетот на живот на оваа категорија на граѓани.

„Огромно е задоволството што конечно слепите лица ќе може да добијат соодветно аудио помагало кое ќе може да го користат на свој мајчин јазик. Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи,  да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас,“ изјави Селковски.

Аудио читачот ќе има примена во сите области на живеењето, а од голема важност ќе биде неговата примена при стекнување знаења, информации и воспоставување комуникација по системот „од текст до глас“. Алатката ќе може да ја користат учениците, студентите, невработените лица кои бараат работа, практикантите, вработените и сите оние кои се соочуваат со потешкотии при совладување на информациите прикажани во текст.

„Слепите лица во Република Северна Македонија за прв пат, ќе добијат функционална, современа и соодветна алатка која ќе им овозможи поголема независност во сите сфери од секојдневниот живот. Апликацијата – Аудио читач,  која ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија ќе биде создадена согласно современите технолошки трендови. Taa ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе го изразува со природен глас. Аудио читачот,  целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, затоа што  ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи, непречена комуникација, непречено движење,  целосно вклучување во општеството“, изјави Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Аудио читачот апликација, освен за слепите лица, ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат.

„Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост потенцира дека лицата со сите видови попречености мора да ги уживаат сите човечки права и фундаментални слободи. Во актуелните услови на глобална криза поради Ковид – 19, максимата на ОН „никој да не биде изоставен“ станува уште порелеватна, посебно кога зборуваме за инклузивни и интегрирани општества. Новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, не-дискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството“,  истакна Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан.

Од МТСП велат дека изработката на аудио-читачот треба да биде завршена за околу два месеци, а апликацијата отвора можност и за регионално користење од слепите лица кои комуницираат на македонски и албански јазик.

На решението ангажирана е да работи американската компанија Non-Routine LLC, која има искуство во изработка на вакви комплексни аудио решенија и применливи комјутерски технологии за неколку светски јазици, со поддршка на локален тим од лингвисти и филолози.

Аудио читачот за Андроид мобилните телефони ќе може да се преземе од Google Play Store при што ќе биде интегриран со постоечката Talkback платформа, што е инсталирана во секој андроид уред.