„Гугл Флајтс“ обвинет за преполување на испуштената количина на јаглерод диоксид од авио летовите

Компанијата „Гугл“ е обвинета на бришење на количините на испуштениот јаглерод во воздухопловството, по направените промени на својот пребарувач за летови, пренесува „Гардијан“.

Промената, која привично била забележана од „Би-Би-Си,“ влијае на функцијата на „Гугл Флајтс“ – апликација која ги прикажува количествата на испуштање јаглерод диоксид од секоја авионска рута. Компанијата ги означува рутите со повисоки или пониски испуштања на јаглерод диоксид од просечните, а исто така го пријавува вкупниот испуштен јаглерод диоксид по патник на кое било авио патување.

Но, во јули оваа година, „Гугл“ изврши промена што ги преполовува бројките на испуштената количина јаглерод диоксид. Компанијата претходно пријавувала испуштања во килограми „еквивалент на јаглерод диоксид“ (CO2e), мерка која ја вклучува штетата од други испуштања од летовите, како што е водената пареа што се испушта на големи надморски височини,  што може да има значително поголем ефект на затоплување.

По промената, „Гугл“ почна да известува само за испуштањето на јаглерод диоксид на секое патување, со што ефективно го преполови влијанието врз животната средина на секој даден лет.

Компанијата тврди дека е невозможно прецизно да се процени испуштениот јаглерод диоксид за даден лет, бидејќи ефектот на водената пареа врз затоплувањето се разликува во зависност од времето од денот и локацијата на јаглерод диоксид, па оттаму додаваат дека додека не се најдат соодветни решенија, би било попрецизно да се пријави само јаглеродот диоксид.

„Силно веруваме дека загадувањата што не се на база на јаглерод диоксид треба да бидат вклучени во мерењата, но не на сметка на точноста за поединечни летови. За да се справиме со ова прашање, ние соработуваме со водечки истражувачи за подобро да разбереме како влијанието од авионските траги варира врз основа на критични фактори како што се времето од денот и регионот, што пак ќе ни помогне попрецизно одразување на тие информации врз потрошувачите“, истакнале од „Гугл“ во соопштение.

Но, кога промената беше спроведена, „Гугл“ не објави официјално соопштение, освен една белешка објавена на профилот на еден од вработените  на страницата за споделување кодови „Гитхаб“.

Критичарите, како што е главниот научник на „Гринпис“ во Велика Британија, Даг Пар, велат дека тоа не е доволно добро и дека дури и ако е тешко да се процени вкупниот ефект врз животната средина, постојат подобри решенија од едноставно „бришење“ на штетата.

„Последното нешто што компанијата треба да направи е тивок ‘гринваш’ на планетарните влијанија од авиоиндустријата, еден од најтврдоглавите загадувачи во светот. Ние сме во средина на климатска вонредна состојба што авиокомпаниите продолжуваат да ја поттикнуваат –  од витално значење е најголемиот пребарувач во светот да дава пристојни информации за климатскиот отпечаток на оваа индустрија“, истакнал Пар.