Компании во Јужна Кореја им нудат на вработените илјадници долари за да имаат деца

Една јужнокорејска компанија им нуди на вработените до 75.000 долари за да имаат деца, со цел да помогнат во зголемувањето на наталитетот во земјата, пренесува Н1.

Компанијата за долна облека „Сангбангвол“ минатата недела соопшти дека на работниците ќе им даде бонуси од 22.400 долари за првото дете, уште 22.400 долари за второто и 30.000 долари за третото дете.

„Нискиот наталитет е важна задача која нашето општество треба да ја надмине. Компанијата ќе преземе одговорност и ќе вложи максимални напори да ѝ помогне на земјата да го зголеми наталитетот“, рече портпаролот на компанијата.

Претходно, градежната компанија „Бојунг груп“ со седиште во Сеул, објави дека ќе додели бонус од 75.000 долари по дете на вработените кои имаат бебиња.

Истата компанија го прошири бонусот за вработените кои имале деца од 2021 година. Вработените во компанијата имале вкупно 70 деца од 2021 година, така што компанијата е подготвена да плати 5.25 милиони долари во готово на своите работници. Бонус можат да добијат и мажите и жените.

Како и во Кина и Јапонија, населението во Јужна Кореја старее, што значи дека бројот на пензионери на кои им треба медицинска нега наскоро би можел да се зголеми, додека бројот на помлади работници во земјата се намалува.

Националната стапка на фертилитет беше 0.78 во 2022 година, а стапката на наталитет во Сеул, дом на една петтина од населението во земјата, беше уште помала, односно 0.59, според владините податоци.

На земјата ѝ е потребна стапка на плодност од 2.1 за да ја одржи сегашната популација.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сукјул на 13 февруари ѝ нареди на својата администрација да создаде даночни олеснувања и субвенции за компаниите кои ги поттикнуваат своите вработени да имаат деца.

Во Сеул, општинските власти даваат по 750 долари секој месец на родителите кои имаат деца, додека нивните бебиња не наполнат една година.