Колективот „Гола планина“ издаде компилација со песни од 2022 година

Младиот музички бран на независната сцена што неодамна се здружи во „Гола планина колектив“ го објави првото физичко издание – ЦД компилација со најдоброто за 2022 година од бендовите кои се дел од колективот.

„Нѐ чекавте, помина еден месец, два. Ние се оформувавме, собиравме, боревме и си помагавме. Бранот доаѓаше и си одеше, нѐ имаше по вести, весници и портали, за работи по кои не требаше да нѐ запознаете. Но, еве, после сите сопки и ридови, денес, изненадно и ненајавено, го вадиме нашето прво издание“, пишува во објавата на голопланинци.

Оттаму за Радио МОФ велат дека оваа компилација за нив значи нов почеток.

„Како да се пронаоѓаме втор пат и како да најавуваме што ќе правиме во иднина. Самооддржливоста на нашата сцена се покажува на некои вакви моменти, каде сме сите собрани, заемно се подбутнуваме и одиме скала нагоре. Компилацијата за нас беше само почетокот :)“, забележуваат од колективот.

Изданието во колаборација со студентското списание „Умник“ за првпат беше на продажба минатиот петок за време на роденденот на неформалното културно здружение „Култура Бета“. Од „Гола планина колектив“ велат дека тогаш се продал сиот прв тираж, а во моментов се принта нов за оние кои не стигнале да си набават од првиот. Тие се сигурни дека ќе продолжат да издаваат и понатаму.

„Тоа и ни е една од главните цели за постоењето на овој колектив, да се мотивираме што повеќе да твориме и да ја обезбедиме безбедната зона на уметниците. Кога тоа ќе бидне, ќе има и изданија, и свирки, и настани“, истакнуваат голопланинци.

Компилацијата е достапна и на дигиталните платформи Спотифај и Бендкемп и Јутјуб.

Во „Гола планина колектив“ учествуваат Луфтанза, Corrosion, Zanadu, Xajka, Zulu 3.4, AТА, Dimish, Стој, после!, Дивоградба, Vagina Corporation, KEM и други, колективот остава можност бројката уште да расте.