Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

[Мегафон] Билјана Димитрова: Уметноста може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование

„Нашата цел е етаблирање, препознавање на маргиналната уметност. Препознавање на децата како активни творци, односно не само учење напамет изведбени уметности, па аплауз ‘леле колку е слатко, колку беше супер’. Туку како активни учесници во културна продукција, кои се свесни, кои можат да кажат што им смета, да создадат ново творештво перцепирано како релеватно, а со тоа воопшто да биде унапредено и општеството. Пробуваме да создадеме нови трендови во уметноста, а после нејзино систематизирање, прифаќање во системот, внетнување на тие неформално образовни активности. Особено во инклузивното образование, затоа што се покажува дека уметноста е таа која може да направи позитивни промени“.

Билјана Димитрова е уметник, активист, едукатор, другар. Таа е морален водач на дружината што доаѓа во „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“, еден хибрид на автономен културен центар кој се занимава со перформативни и визуелни уметности, но и во доменот на она што се вика ангажирана уметност.

Во подкастот ,,Мегафон”, Билјана објаснува дека работат со деца со типичен и атипичен развој, исто така и со возрасни, а преку активностите се обидуваат да направат база за понатамошен развој на уметностите, генерално.

[Став] Обединети и упорни, се бориме за нашето достоинство

Да си трансродово лице во Северна Македонија значи дека за тебе нема заштита. Нема ресурси со кои можеш да научиш да се снаоѓаш во институционалните лавиринти. Нема услови за социјална и/или медицинска транзиција. Се соочуваш со милион пречки, а само сакаш другите да те видат во вистинско светло.

Да си трансродово лице во Северна Македонија значи дека не се зборува за твоите потреби, квалитетот на твојот живот, твојата среќа и успех. Се зборува за тебе со фокус на најдлабоката интима, како се облекуваш, дали се шминкаш, како имаш стигнато од точка А до точка Б, се разбира, со сочни хируршки детали и слики пред/потоа. Не се зборува за тоа колку и кого имаш изгубено, дали имаш каде да живееш, и дека системот те кочи и притиска од сите страни.

Да си транс, значи дека или ќе молчиш и нема да загубиш ништо освен најскапоцените работи – мирот и здравјето, или ќе застанеш цврсто, ќе кажеш кој си и ќе загубиш многу, вклучително и мирот и здравјето. Нив ги губиш што и да одлучиш. Меѓутоа, со тоа што ќе застанеш во своја одбрана, даваш јасна порака дека ќе се бориш.

Треба здрав оброк за секого“ – студентски собранија реагираат на измените за субвенцираниот студентски оброк

Откако на сајтот на Собранието беа објавени законските измени за субвенционираниот студентски оброк, кој треба да има собраниска разврска нареднава недела, универзитетски и факултетски студентски собранија упатија реакции по повод промените.

Износот за субвенционираниот студентски оброк со предлогот би се зголемил од 120 на 140 денари, но, велат тие, се предвидуваат поголеми ограничувања кои не биле предвидени минатата година.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Славчо Темелковски за Радио МОФ вели дека со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на Субвенциониран студентски оброк (ССО), иако идејата на новиот предлог закон била пред сѐ, промена во условите и критериумите за тоа кој може да биде корисник на ССО.

#РаскажиМи: „Чувствата не се броеви“ од Маја Мојсова

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Чувствата не се броеви“, од поетесата и авторка Маја Мојсова.

#НизТвојотОбјектив – „Таа некогаш беше најубавата“ од Гордана Каракашевска

Овој пат во рубриката #НизТвојотОбјектив ја претставуваме фотографијата „Таа некогаш беше најубавата“ од Гордана Каракашевска.

Авторката е поетеса и прозен писател, преведувачка, сликарка и илустраторка. Таа вели дека фотографијата е нејзина голема пасија и хоби.

Младиот музички бран се здружува како „Гола планина колектив“

Повеќе млади бендови и изведувачи, дел од новиот музички бран што ја размрдаа и освежија домашната независна сцена во изминативе неколку години, се здружуваат како „Гола планина колектив“.

„Бран. На преминувањето од 2019та во 2020та година не ни замислувавме нашите средношколски бендови што свиреа во ‘Дуња’ и по подруми ќе добијат голема фестивалска сцена, а не ни нишаневме на тоа. Ние бевме за другарството, познавањата, муабетите и седенките, каде што сите пројдовме-заминавме, дојдовме и останавме. Сите се фативме за рака и заедно тргнавме со една цел, сите да сме заедно, независни. Гола планина порасна во претходната година, и требаше капка надеж за да се разбуди и почне повторно да функционира во полна пареа. И затоа, ние се поврзавме еден со друг, дадовме многу време и енергија за ова да функционира. Само со една мисла: АКО НЕ СЕГА, КОГА? И АКО НЕ НИЕ, КОЈ?“, велат од колективот.

Од таму посочуваат дека „Гола планина колектив“ во 2023 година прераснува во независна музичка мрежа / медиум на новиот бран во Македонија.

Во „Гола планина колектив“ за почеток учествуваат Луфтанза, Cut your nipple, Corrosion, Zanadu, Xajka, Basement Cult, Zulu 3.4, AТА, Dimish, Стој, после!, Дивоградба, Vagina Corporation, KEM, со можност за проширување во наредниот период.