Книжевен кружок во „Илика“ за „Девојчински спомени“ од Ани Ерно

Издавачката куќа и книжарница „Илика“ организира книжевен кружок во сабота (30 март) со почеток во 17 часот на кој главна тема ќе биде нивното најново издание „Девојчински спомени“ од Ани Ерно.

Ова е првиот превод на македонски јазик на книга од Ани Ерно, француската писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература.

„Романот претставува уште едно навраќање на авторката кон лавиринтите на своето минато, овојпат педесет години наназад, во летото 1958 година, кога имала само 18 години. Во центарот на оваа книга се наоѓа еден трауматичен настан, чие значење авторката се обидува да го открие многу години подоцна. Но, за да ја сфати таа девојка, која на некој начин е поврзана со сегашната Ани Ерно (онаа што пишува), потребно е многу повеќе од личните сеќавања и зачуваните дневници и писма – потребна е историјата“, истакнуваат од „Илика“ за делото за кое ќе се говори.

Оттаму ги замолуваат сите оние кои сакаат да присуствуваат на средбата да им испратат кратка порака на мејл или на нивните Инстаграм и Фејсбук профили и додаваат дека едвај чекаат да ги чујат впечатоците за книгата.

Инаку, писателката Ерно е една од највлијателните и најпрепознатливи автори во современата француска книжевност и првата французинка која добила Нобелова награда за литература. Нејзините дела ја разоткриваат социјална нееднаквост во Франција, особено што ги погодува жените и луѓето од работничката класа.