Промовирана првата детска стрип-книга за предизвиците што ги носи Спиналната мускулна атрофија

„Авантурите на СМАрагдната Ада“ е првата детска стрип-книга на македонски јазик во која се зборува за животот на децата со спинална мускулна атрофија (СМА) и за нивните секојдневни животни предизвици, што за прв пат беше промовирана денес.

Книгата е создадена од мултидисциплинарен тим од едукатори, психолози и советници од пациентски здруженија, со научен надзор на специјалисти од мрежата на клиничките центри НЕМО, Италија, а нејзиното издавање е поддржано од Рош Македонија, здружението „СТОП СМА“ и Универзитетските клиники за детски болести и неврологија.

„Недостасува едукација за сé поврзано со СМА, за нашите секојдневни предизвици, за способностите и квалитетите на нашите деца. А тука, внатре во овој весел и забавен стрип е формулата како да се постигне тоа. Иако целосната и општа инклузија е долг пат, којшто ние како здружение го одиме веќе 5 години, оваа книга е клучниот и првиот чекор што ќе нè доближи до целта и до она што го посакуваме и за што се бориме. Верувам дека оваа стрип книга е почеток на еден долг, но сигурен и безбеден пат, којшто во корен ќе ги промени работите и ќе придонесе за подобрување на состојбите за обезбедување квалитетен и достоинствен живот на СМА заедницата, што претставува постојан предизвик и воедно мисија на Здружението СТОП СМА“, изјави Снежана Тодоровска од Здружението „СТОП СМА“.

„’Авантурите на СМАрагдната Ада’ е серија од неколку стрипови каде се раскажува секојдневниот живот на Ада, куче кое посетува училиште. Ада се движи со електромоторна инвалидска количка бидејќи има СМА, ретка генетска болест. Преку раскажувањето на нејзините секојдневни авантури, односот со соучениците, семејната и училишната динамика што се појавува, се обработува темата на социјалната и училишната инклузија на децата со моторна попреченост“, пишува во описот за книгата.

Изданието во моментов не е на продажба и може да се најде онлајн на овој линк.