Климатските екстреми имаат влијание врз менталното здравје, се предупредува во нова студија

Настаните поврзани со климата е потврдено дека имаат негативен ефект врз менталното здравје, според нова студија објавена оваа недела, јавува Евроњуз.

Студијата го разгледа ефектот на топлината, влажноста и поплавите врз стапката на депресија и анксиозност во Бангладеш, седмата најранлива земја во светот од климатските промени.

Се смета дека околу 4.4 отсто од луѓето ширум светот имаат депресија. Во Бангладеш, оваа бројка беше значително повисока, односно 16.3 отсто. Нивоата на анксиозност во земјата беа исто така повисоки – 6 проценти во споредба со остатокот од светот – 3.6 проценти.

Истражувачите велат дека наодите од студијата би можеле да се искористат за да се намали поширокиот ефект на климатските промени врз менталното здравје.

„Како што се влошуваат климатските промени, температурите и влажноста ќе продолжат да се зголемуваат, како и природните катастрофи, како што се екстремните поплави, кои навестуваат влошување на влијанието врз нашето колективно ментално здравје, на глобално ниво“, вели водечкиот автор на студијата, Сајед Шабаб Вахид, асистент на Одделот за глобално здравје на Универзитетот Џорџтаун.

Студијата ги мери климатските варијабли на 43 метеоролошки станици во Бангладеш за сезонски промени во температурата и влажноста, и забележа каде луѓето биле изложени на поплави.

Потоа беа спроведени две истражувања во рурални и урбани области за да се процени депресијата и анксиозноста кај возрасните. Студијата откри дека топлината, влажноста и настаните поврзани со климата имале алармантно влијание врз менталното здравје на испитаниците.

Изложеноста на поплави поврзани со климатските промени ги зголеми шансите за лошо ментално здравје. Депресијата се зголемила за 31 отсто, анксиозноста за 69 отсто и присуството на двете состојби за 87 отсто.

Истражувачите велат дека студијата не е доволна за да се види влијанието на големите климатски промени, но покажува како дури и малите временски промени поврзани со климатските промени можат да влијаат на менталното здравје.

Вахид вели дека сега планираат да спроведат понатамошни истражувања во Бангладеш и на глобално ниво за „да ги намалат причините и ефектите од климатските промени врз менталното здравје“.

Авторите на студијата забележуваат дека наодите се особено загрижувачки за земјите каде што луѓето се изложени на топлина за време на секојдневна работа или активности. Жените, постарата популација и лицата со попреченост беа особено ранливи на влијанијата на климатските промени врз менталното здравје.