Ќе се укинува ограничувањето за продажба на алкохол

Министерството за економија за два месеца треба да подготви измени на Законот за трговија со кои ќе се укине ограничувањето за продажба на алкохол по 19 односно 21 часот и ќе се овозможи продажба и во кисоци со поседување лиценца, информираа денеска од ресорното Министерство, пренесува МИА.

Информацијата за законските измени Министерството за економија ја презентираше на вчерашната владина седница, а како резултат на реализираната посета на компаниите во рамки на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.

Предлозите, како што информираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, доаѓаат директно од бизнис заедницата и се усогласени со стопанските комори.

„Исклучително е важно што оваа информација е усогласена и направена по иницијативата од бизнис заедницата, разговарано е со сите поголеми компании и со сите стопански комори во Македонија“, изјави денеска Бошњаковски.

Со сегашниот закон продажбата на алкохол е ограничена до 19 часот во зимскиот период, односно до 21 часот преку лето. Во киосците, пак, има забрана за продажба на алкохол.