Киноприкажувачите потпишаа меморандум за вмрежување по повод 100 години од киното на Манаки

Седум киноприкажувачи во земјава, потпишаа меморандум за вмрежување, како основа за формирање на единствена кино-мрежа во Македонија.

Потписници на меморандумот се Кинотеката, Синема паркинг кино-Битола, 3Д Кино Битола, Центар за култура-Битола, Киноверзум Свети Николе, кино Фросина од Скопје, кино Милениум и Синеплекс, заедно со Агенцијата за филм и канцеларијата на Креативна Европа Медиа Македонија.

Потпишувањето на меморандумот симболично се одбележуваат 100 години од отворањето на првото кино на браќата Манаки.

Меморандумот за здружување на киноприкажувачите во земјава е под медијаторство и иницијатива на Форумот за разумни политики во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“.

„Со овој меморандум се изразува интерес и желба за заедничко дејствување во киноприкажувачката дејност со една и единствена цел – Меморандумот да служи како основа за формирање на единствена кино-мрежа во земјава. Целта на оваа кино-мрежа е поврзување на прикажувачите односно кината и застапување на нивниот заеднички интерес. Вакви кино-мрежи веќе постојат во Европа, во регионот и во светот, еве сега и кај нас со ова здружување ќе се обидеме да ја вратиме изгубената публика и да создаваме нова кино-публика, но и едукацијата на филмска публика“, изјави Бистра Георгиева од Форум за разумни политики.

Беше посочено дека ако досега секој сам се справувал со предизвиците, од овој момент веќе здружено ќе создаваат нова кино публика, бидејќи, според Георгиева, сите кои работат во културата имаат должност и обврска да понудат вакви стратегии и решенија.

„Особено ми е драго што ова вмрежување се случува токму во Битола, затоа што низ годините Битола и тоа како е запишан како филмски центар пред се со 3Д киното, преку фестивалот „Браќа Манаки“, Етнографски филмски фестивал, Фестивалот Камера 300 итн. Би сакала да истакнам дека иако денеска овој меморандум се потпишува на парче хартија, ние досега природно се вмрежувавме и сме реализирале безброј соработки“, нагласи Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура – Битола.

По свеченото потпишување на Меморандумот, членовите кино-иницијативата најавија следна средба во Свети Николе.