КИЦ го издаде првиот број од културниот двомесечник „Скопје култ“

Културно информативен центар – Скопје најавува враќање на информативниот карактер на установата преку објавување на  првиот електронски градски културен магазин, насловен „Скопје култ“.

Магазинот ќе претставува водич за сите културни случувања во градските културни установи во Скопје.

„Скопје култ“ е двомесечник, а првото издание се фокусира на културните настани за април и мај 2022 година, а е достапен во електронска форма. Магазинот може да се преземе бесплатно на социјалните мрежи на КИЦ, како и ТУКА.

„Магазинот ќе донесува преглед на културните настани во градот, како и авторски статии, за да се разбуди интересот за културата и уметноста, а културните вредности да се доближат до целата градска средина“, велат од КИЦ.

Оттаму додаваат дека „Скопје култ“ е резултат на идејата дека Скопје заслужува магазин што ќе го издигне квалитетот на културниот живот.

Во тековната 2022 година се предвидени пет броја на „Скопје култ“, 4 двомесечни и еден декемвриски, како специјално ретроспективно издание.