Каталонскиот сепаратист Карлес Пуџдемон уапсен во Италија

Поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон, кој беше предводник за движењето за независност на овој шпански регион, е уапсен во Италија по потерница на шпанските власти.

Шпанија го обвинува за бунт поради организација на референдумот за независност на оваа покраина во 2017-та година, кој шпанските судови го карактеризираа како нелегален.

Полицијата го уапсила Пуџдемон на аеродромот во Сардинија и тој треба да се појави на суд во следните часови каде судија ќе треба да одлучи дали ќе биде ослободен или ќе биде екстрадиран во Шпанија, пренесува Би-Би-Си. Тој досега живееше во егзил во Белгија,

Референдумот од 2017-та година предизвика една од најдлабоките политички кризи во Шпанија во последните децении. Каталонскиот регионален парламент прогласи независност, но централната власт во Мадрид воспостави директна контрола врз регионот.

Архивска фотографија од протестите за независност на Каталонија

Откако Пуџдемон и двајца други каталонски членови на покраинската власт избегаа од државата, Шпанија осуди на затворски казни девет каталонски лидери за поттикнување на бунт поради нивната улога во организирање на референдумот. Тие добија помилување од шпанскиот премиер, Педро Санчез, во јуни.

Шпанските власти неуспешно се обидуваа да го екстрадираат Пуџдемон и неговите колеги, кои подоцна беа избрани како членови на Европскиот Парламент во 2019 година.

Новиот претседател на Каталонија, Пере Арагонес, кој исто така е сепаратист, го осуди процесот кој се води против Пуџдемон.