Од 9 до 13 години затвор добија лидерите на каталонските сепаратисти

Девет предводници на движењето за независност на Каталонија беа осудени на затворски казни од 9 до 13 години за нивните улоги во неуспешниот референдум за независност од Шпанија.

Тие беа осудени по обвиненијата за поттикнување бунт и злоупотреба на јавни средства, но беа ослободени од потешкото обвинение за насилен бунт.

Меѓу осудените е поранешниот заменик-претседател на Каталонија, Ориол Хинкерас, кој доби казна од 13 години затвор и забрана за вршење јавна функција во следните 13 години. Меѓу осудените се и Раул Ромева, поранешниот каталонски министер за надворешни работи, како и поранешниот портпарол, Жорди Турул и министерката за труд, Долорс Баса.

Пресудата беше соопштена од седум судии на Врховниот суд на Шпанија, по процесот во кој беа сослушани 422 сведоци и кој траеше четири месеци.

Карлес Пуџдемон, кој го предводеше движењето за независност, не беше меѓу лицата на кој им се судеше во процесот. Тој побегна од Шпанија за да избегне апсење на крајот на октомври 2017 година и се наоѓа во егзил во Белгија.

Адвокатите на осудените веќе најавија дека ќе поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права.