Калифорнија забрани продажба на кучиња, мачки и зајаци кои не се спасени

Калифорнија им забрани на сите продавници за миленичиња да продаваат кучиња, мачки и зајаци, освен ако не соработуваат со засолништа и групи за спас на животните за да ги добијат животните.

Гувернерот Џери Браун го потпиша Законот 485 во петокот. Законот стапува на сила во јануари 2019 година, а продавниците за миленичиња кои ќе го прекршат ќе се соочат со казна од 500 долари.

Потписот на гувернерот од Демократската партија го поздравија многу групи за заштита и права на животните, меѓу кои и организацијата Социјално сочуство во легислативата, спонзорот на законот.

„Пресреќни сме поради потписот на гувернерот и широката поддршка од заедницата на љубители на животните, за оваа револуционерна легислатива“, изјави основачката и извршна директорка на групата, Џуди Мансуко.

„Со забраната на продажбата на животни размножени и израснати за оваа намена, Калифорнија направи храбар чекор напред. Ужасните услови кои овие животни ги трпат во објектите за размножување на големо не се тајна, а сега Калифорнија е првата која ќе го спречи тоа“.