„Како дома“ – акустичен концерт на Дина Јашари во КИЦ

Насловен „Како дома“, кантавторката и продуцентка Дина Јашари ќе одржи акустичен концерт во Културно информативниот центар (КИЦ), на 14 декември, вторник.

Со почеток во 20 часот, влезот за настанот е слободен.

„Дина го излева целото свое битие и искуства во нејзиното пишување песни, без напор движејќи се низ поп и нео-соул музиката. Сонливи хармонии, емотивни текстови, модерни и свежи битови, се елементите кои се истакнуваат во нејзината музика“, посочуваат организаторите.

Во 2022 година, музиката на Дина беше наградена со наградата „Милан Младеновиќ“, добивајќи пофалби од реномираните музички умови од регионот. Таа досега има издадено 5 синглови, ЕП-то „Дома“ и соработка со музичкиот уметник и композитор Дуке Бојаџиев насловена „Убав ден“.

„Дина создава од простор на автентична разиграност, потпирајќи ги своите вештини за пишување и изведување од студиите за џез што ги следи на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Драги Иванов, дипломиран на музичкиот колеџ Беркли, придонесува за звучните пејзажи на Дина како нејзин копродуцент. Моментално работат на нов материјал – со цел да се поврзат со уметници од соседните земји“, велат од КИЦ.

Концертот е дел од културна понуда на Град Скопје Европска престолнина на културата 2028.