[Видео] Како да подобро финансирање, образование и дигитализација – кандидатите за ректор на УКИМ даваа решенија  

Квалитет и пристап до образование, дигитализација, квалитетно студентско организирање и учество на студентите во процесот на носење одлуки во наука и меѓународна соработка, беа тематските целини за кои денеска дискутираа кандидатите и кандидатките за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Јавната дебата беше организирана од Младински образовен форум во „Јавна соба“, каде тие зборуваа и за можни решенија со дискриминацијата и степенот на инклузија на Универзитетот. Исто така, се отворија и теми за недостатокот на инфраструктура и стручен кадар, за финансискиот менаџмент, средствата од ИКСА, хакерските напади врз УКИМ, а притоа кандидатите и кандидатките претставија и дел од својата програма.

Проф. д-р Биљана Ангелова од Економски институт рече дека се залага за трансформирање на УКИМ во универзитет што промовира европски вредности. Според неа, темелната вредност на УКИМ се луѓето, академската заедница – професорите и студентите.

„Мојата програма е фокусирана на четири столба: наставата, науката, меѓународната соработка и универзитетското претприемништво. Но, врзното ткиво на сите овие домени е интернационализацијата. Постојано слушаме за нарушена финансиска и кадровска автономија, немање критериуми на високото образование, и тоа трае со години и декади. Затоа мораме да најдеме алтернативни форми, односно да видиме што може да направи универзитетот во склоп на своите капацитети, преку луѓето да направи нешто за студентите“, посочи меѓу другото Ангелова.

Според проф. д-р Ратко Дуев од Филозофски факултет, студентите и младите се фокусот на работата на еден ректор, нагласувајќи дека неговата програма ги разработува проблемите што ги има на УКИМ, а тие започнуваат со финансиите. Исто така, ја нагласи и правичната распределба на инвестициите.

„Некаде 1,5% од вкупниот буџет на УКИМ се издвојува за капитални инвестиции, а на ‘Мајка Тереза’ некаде 170 милиони денари, што е 57% од нивниот буџет. Финансиите секако подразбираат и користење на други извори, не само од буџетот, затоа ќе се работи на административно подобрување на учеството на меѓународни проекти. Мора да се развива научната инфраструктура на Универзитетот, бидејќи без услови за наука не можеме да работиме наука. Она што е најважно, целата мојата програма е оној триаголник високо образование – држава – заедница“, истакна Дуев.

Квалитетотот на Универзитетот мора да се крене на повисоко ниво, смета проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, а за тоа да се направи мора во процесот да бидат активни не само професорите, туку и студентите.

„Затоа мојата програма се темели на студентите како партнери. Неопходно е да се подигне студентскиот стандард. Со нови форми на инвестирање ќе има нов студентски дом кој ќе припаѓа само на студентите на УКИМ. Во 21 век треба да се создадат соодветни услови за творење и учење на нашите студенти. Она што е посебно важно се акредитираните студиски програми, меѓутоа со партнери од странство, за да можеме да видиме каков е квалитетот на студиите и како се предава во странство, а тоа знаење да го пренесеме меѓу нас“, рече Кочов.

Проф. д-р Христина Спасевска, Факултет за електротехника и информациски технологии, посочи дека се обратила до колегите професори и студентите за да дадат свое мислење во која насока и со кои проекти треба да се развива УКИМ.

„Повеќе од 200 професори и студенти се одважија и испратија конкретни предлози, тие сите се ставени во мојата програма. Во неа има сериозен финансиски преглед на УКИМ, затоа што нас не не’ избираат за 10 или 15 години да кажуваме за стратегии. Туку за три години и мора да имаме реална конструкција. Мојата програма се темели на транспаретност, отчетност и академска и студентска автономија. Некако Законот за високо образование, донесен во 2018, ни овозможи поширока академска слобода во однос на државата, но внатре многу малку зборуваме за студентска и академска слобода, а уште помалку за транспартност и отчетност“, забележа Спасевска.

„Св. Кирил и Методиј“ е најстариот и најдобар универзитет во земјата, рече проф. д-р Димитар Ташковски од Факултет за електротехника и информациски технологии, додавајќи дека традицијата мора да се негува, но новото време носи нови предизвици.

„Мораме сите да ги следиме за да креираме светла перспектива. Затоа мотото на мојата програма е современ, отворен и истражувачки универзитет, за да одговориме на новото време и на постојаните закани во УКИМ. Современоста значи следење на европските политики за високо образование, тие се јасно дефинирани, потоа за студискиските програми во однос на методологиите за изведување на наставата, вклучувањето на дигиталните технологии, исто и подобрување на компетенциите на наставниците – сето ова треба да не’ доведе до еден современ Универзитет“, нагласи Ташковски.

Проф. д-р Горан Ајдински од Филозофски факултет поради здравствени причини не беше во можност да присуствува на јавната дебата во „Јавна соба“. Дебатата беше организирана од МОФ, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество.

Инаку, според роковникот за избор на нов ректор на УКИМ кандидатите ќе се претставуваат по кампусите на Универзитетот од 15 до 26 мај. Гласањето на единиците на УКИМ ќе се одржи на 30 мај од 12 до 14 часот, а резултатите треба да бидат објавени до крајот на денот. Новиот ректор треба да стапи на функцијата на 16 септември, а мандатот ќе му трае три години.

Бојан Шашевски