[Видео] Кандидатите за ректор на УКИМ ги претставија своите програми на дебата на НАкС

Визијата за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), решавање на проблемите и најважните приоритети беа во фокусот на трибината на која дебатираа кандидатите за ректор на УКИМ која ја организираше Независниот академски синдикат (НАкС), која се одржа на Факултетот за драмски уметности.

На дебатата учествуваа пет од шесте кандидати за највисоката функција на УКИМ – Горан Ајдински, Ратко Дуев, Атанас Кочев, Христина Спасевска и Димитар Ташковски. Кандидатката Биљана Ангелова, според организаторите, го откажала своето присуство во последен момент.

Дебатата се отвори со претставување на сите присутни кандидати преку нивен личен избор на три најгорливи проблеми на УКИМ и три конкретни решенија преку кои би се решиле, со што направија приоритизација на аспекти од своите програми. Во вториот дел од дискусијата и студентите и професорите во публиката имаа можност да постават прашања.

Дебатата може да ја погледнете на следниве линкови:

Од НАкС на кандидатите за ректор им посакаа фер и успешна кампања и апелираа да го одржат нивото на академски дискурс кое го покажаа на трибината.

Според роковникот за избор на нов ректор на УКИМ кандидатите ќе се претставуваат по кампусите на Универзитетот од 15 до 26 мај. Гласањето на единиците на УКИМ ќе се одржи на 30 мај од 12 до 14 часот, а резултатите треба да бидат објавени до крајот на денот. Новиот ректор треба да стапи на функцијата на 16 септември, а мандатот ќе му трае три години.