Каин со концерт ќе го промовира првиот албум „Под ова сонце ладно е“

Четиричлениот состав „Каин“ денеска во Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево ќе имаат концертна промоција на својот прв студиски албум „Под ова сонце ладно е“.

„Печат на денешното турбулентно општество, како на локално, така и на глобално ниво, во кое вредностите се измешани и ја губат својата смисла. Несомнено е потребно одбележување на времето во кое живееме, а албумот кој е насловен ‘Под ова сонце ладно е’ е музички запис кој ќе остави траен белег во македонската, а можеби и во светската музичка сцена и нема да ве остави рамнодушни. Насловот на албумот и текстовите од песните конотираат на сонцето македонско кое не олади низ годиниве, ко мртви да сме. Етно – рок, џез – рок, прогресивен – рок, панк, сето тоа зачинето со еден каиновски шмек може да се слушне во првиот деби албум“, се вели во најавата за албумот, и воедно за концертот на „Каин“. 

„Каин“ на Лузерфест, фото: Бојан Велески

Како поддршка за вечерта е најавен електро поп бендот „Ки“. Се работи за несекојдневен звук, експериментирање и играње со музичките жанрови и поджанрови, пропратен со автентични текстови.  

„Својот прв настап бендот го бележи на ‘Демо фест’ во Бања Лука и успева да освои голем број позитивни критики од балканскиот аудиториум. ‘Ки’ настапува на ’51-та Зајечарска Гитаријада’ и воедно ја добива првата награда. Понатаму, следат настапите на ‘North fest’ во Црна Гора, ‘Joy fest’ , ‘Позитивни концерт’ – Нови Сад, а 2017 година бендот ја заокружува со настап и победа на ‘RMF Festival’ во Хрватска“, стои во најавата за настанот.

Исто така, свој настап ќе имаат и „Планктонс“ – скопско трио, кое на нашата сцена е присутно веќе две години зад себе имаат издадено ЕП о наслов „El Plancton“ и моментално работат на нивниот прв студиски албум, најавен за крајот од 2018 година. Обележје на бендот е музичкиот правец „сурф – рок“ со фанк и џез примеси.

Локална поддршка ќе биде и диџеј АцоНастанот во „Кочо Рацин“ во Кичево е најавен од 21 часот, а цената на билетот е 50 денари.