Јужна Кореја ги забранува фармите за кучиња и продажбата на кучешко месо, консумацијата е сè уште дозволена

Јужна Кореја донесе нов закон кој има за цел да стави крај на индустријата на колење кучиња и продажбата на нивното месо до 2027 година. Јадењето кучешко месо е практика стара со векови на Корејскиот полуостров, но како што минуваат годините, се повеќе жители и активисти се залагаат за забрана, пренесува Н1.

Според новиот закон, ќе се забрани одгледување или колење кучиња за консумација, како и дистрибуција или продажба на кучешко месо. Оние кои го прекршуваат законот може да завршат во затвор. Законот предвидува оние кои убиваат кучиња да добијат до три години затвор, додека оние кои одгледуваат кучиња за месо или продаваат кучешко месо да одлежат најмногу две години затвори.

Сепак, самото консумирање кучешко месо нема да биде нелегално. Новиот закон ќе стапи на сила за три години, со цел на земјоделците и сопствениците на ресторани да им се даде време да најдат алтернативни вработувања и приходи.

Владата на Јужна Кореја вети дека ќе им даде поддршка на фармерите, месарниците и сопствениците на ресторани кои продаваат кучешко месо, а кои ќе ги затворат своите бизниси поради новиот закон. Засега не се разработени детали за висината и начините на компензација.

Според официјалните владини податоци, Јужна Кореја имала околу 1.600 ресторани за кучешко месо и 1.150 фарми за кучиња минатата година. Чорбата од кучешко месо, наречена „бошинтанг“, се смета за деликатес меѓу постарите локални жители. Сепак, конзумацијата на кучешко месо не е популарна кај младите.

Според анкета на компанијата Галуп минатата година, само 8% од луѓето рекле дека пробале кучешко месо во изминатите 12 месеци, што е помалку од 27% во 2015 година. Помалку од една петтина од анкетираните изјавиле дека ја поддржуваат консумацијата на кучешко месо.