[Видео] Славната банана залепена за ѕид изедена од гладен посетител на музејот во Сеул

Јужнокорејски студент по уметност ја изел бананата која е дел од инсталацијата на уметникот Маурицио Кателан, објаснувајќи дека бил многу гладен бидејќи не доручкувал.

Уметничкото дело наречено „Комичар“, кое е дел од изложбата „НИЕ“ на Кателан, се состои од зрела банана која е залепена со леплива трака за ѕид на Музејот Леум во Сеул.

Откако ја изел бананата, студентот Но Хујн-со, ја залепил лушпата за ѕидот. Музејот потоа поставил нова банана на истото место, јавија локалните медиуми.

Бананата која е изложена наводно се менува секои два или три дена.

Во видеоснимките објавени на интернет може да се слушнат извици откако Но ја зема бананата од ѕидот. Тој не се одѕива на другите посетители и започнува да го јаде овошјето, а потоа ја лепи лушпата на ѕидот и позира кратко пред да продолжи да се движи низ музејот.

Но подоцна изјавил за локалните медиуми дека делото на Кателан го гледал како бунтовност против авторитетитет.

„Може да има и бунт против бунтот. Оштетувањето на уметничко дело исто така може да се гледа како уметност. Мислев дека ќе биде интересно… Не е ли залепена таму за да биде изедена?“, изјавил студентот на Националниот универзитет во Сеул за КБС.

Кога му било кажано за инцидентот уметникот Кателан изјавил: „Нема никаков проблем“.

Ова не е прв пат бананите кои се користат за делото на Кателан да бидат изедени од посетителите.

Во 2019 година перформативниот уметник Давид Датуна ја одлепи бананата од ѕидот откако делото беше продадено за 120.000 долари на уметнички саем во Мајами. Бананата потоа беше веднаш заменета и не беше покрената никаква пријава против Датуна.