Јутјуберот Лазаров: Се извинувам за тоа што го чувте во подкастот, ова е сериозна хајка

По објавениот подкаст со Драган Павловиќ – Латас, кој крена различни реакции во јавноста, јутјуберот Стефан Лазаров вечерва објави ново видео, во кое тој се извини за тоа што јавноста го чула во подкастот.

„Се слагам со вас, во право сте и затоа сакам да ви се извинам за тоа што го чувте во подкасот, а јас како домаќин или водител дозволив тоа да се емитува. Дали станува за силување тоа ќе го оставам на вас. Меѓутоа, сакам да се извинам заради тоа што се добива една слика дека кај мене се промовираат такви работи. Прво, е жално што во оваа ситуација се гледа дека има сериозна позадина и станува збор за една сериозна оркестрирана хајка. Од едно мое смеење од 10 секунди, на анегдота кажана, да ме правите насилник, да ме правите силувач, да ме правите човек кој промовира такви работи на социјални мрежи, е бедно“, посочува тој меѓу другото во видеото со име „Извинете…“.

Лазаров прашува како можело да видеото да биде објавено во вторник, а до недела „да не случи ништо“, упатувајќи барање јавноста да процени за „позадината на луѓето кои го објавија ова, начинот на кој го објавија и кои институции први се јавија“.

„Не ми е поентата на ова видео да напаѓам, во ниту еден случај. Меѓутоа е жално како функционира оваа држава и е жално што се вадат од контекст многу работи. Многу луѓе тоа видео не го изгледаа до крај, и не ја изгледаа целата ситуација, и си формираа мислење и став врз основа на тоа што им беше пласирано. Во еден ден ситуацијата отиде на вести, денеска е главна дебатна тема и е стигнато до јавно обвинителство. И, денеска ме правите насилник и силувач, зошто Стефан се насмеал на некоја ситуација?“, вели тој во видеото.

Инаку, досега свои свои реакции и осуди објавија повеќе организации и јавни личности.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права рекоа дека интервјуто е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство.

„Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство“, се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) го осудија говорот со кој, како што велат, се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација.

„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира“, се вели во реакцијата.

Тие укажаа дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор.

Од Обвинителството, пак, потврдија дека Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство, а предметот е распореден кај обвинител.

Првичниот подкаст на Лазаров по реакциите и осудите беше тргнато од „Јутјуб“.