„Јазичарница“ со настан во „Буква“ по повод една година постоење

По повод една година од постоењето на блогот за лингвистика на македонски јазик „Јазичарница“, на 3 октомври во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи хибриден модериран разговор со авторките Нина Тунтева и Викторија Блажевска, кој ќе започне во 17 часот.

Освен во „Буква“, заинтересираните ќе може да го следат настанот и преку „Зум“.

На разговорот ќе биде претставена досегашната, тековната и идната работа на лингвистките, а ќе биде претставен и новиот подновен блог.

Авторките порачуваат дека на модерираниот разговор ќе можат да се вклучат сите заинтересирани со коментари во живо.

„Јазичарница“ е блог каде авторките ги споделуваат своите размислувања за лингвистиката и јазиците со пошироката македонска публика.