Јавното претпријатие „Лајка“ ја започнува својата нова кампања со порака која има за цел да ја смени општествената перцепција за една од најстигматизираните раси на кучиња – питбулите.
Кампањата, симболично насловена „Јас не сум за борби. Јас сум за гушкање.“, е повик за подигање на свеста и рушење на длабоко вкоренетите предрасуди. Таа ги претставува питбулите онакви какви што навистина се – чувствителни, лојални и подготвени за љубов, не за насилство.

Фото: ЈП „Лајка“
„Во рамки на кампањата, ќе бидат објавени фотографии со питбулите сместени во нашето јавно прифатилиште – кучиња кои предолго се жртви на погрешни сфаќања. Тие не се родени за борби. Тие се родени за блискост, за семејство, за гушкање. Веруваме дека секое животно заслужува фер шанса. Нашите питбули се докажани како питоми и приврзани пријатели кои со години чекаат некој да ги види онакви какви што навистина се“, истакнуваат од „Лајка“.

Фото: ЈП „Лајка“
Со оваа кампања, оттаму повикуваат јавноста да ги погледне овие прекрасни кучиња низ поинакви очи, медиумите да помогнат во рушењето на стигмата и семејствата да отворат срце и дом за љубов, не за предрасуда.

Фото: ЈП „Лајка“