Израел е првата држава која ќе нуди трета доза од „Фајзер“ вакцината на повозрасните

Израелскиот премиер Нафтали Бенет соопшти дека државата ќе започне да нуди трета доза на вакцината против Ковид-19 на лицата над 60 годишна возраст.

Ова го прави Израел првата држава во светот која масовно ќе понуди дополнителна доза на некоја од вакцините развиени во западните држави со цел да се засили имунитетот.

„Соопштувам дека оваа вечер започнуваме со кампањата за трета доза на вакцината. Реалноста докажа дека вакцините се безбедни. Реалноста исто така покажа дека вакциние штитат од сериозни случаи и смрт. Како што вакцината против грип мора да биде обновена од време на време, исто така ќе биде и во овој случај“, рече Бенет во телевизиско обраќање кон нацијата.

Одлуката на израелската влада доаѓа по растот на инфекции во земјата и сознанијата дека ефикасноста на вакцините опаѓа после одредено време. Сите кои имаат преку 60 години и кои биле целосно вакцинирани најмалку пред пет месеци ќе имаат можност да примат и трета доза.

Засега ниту САД ниту ЕУ имаат одобрено дополнителни дози од вакцините против коронавирусот. Сè уште нема докази дека третата доза помага, ниту пак кому и кога треба да му се аплицира.

Сепак, израелскиот премиер соопшти дека тим на експертски советници се согласиле со огромно мнозинство дека треба да се иницира ваква кампања. Препораката била донесена по опсежни истражувања и анализи и Бенет соопшти дека податоците ќе бидат споделени со светот. Првичните студии покажаа дека заштитата од вакцината против сериозно заболување од Ковид-19 започнала да опаѓа кај лицата вакцинирани во јануари.

„Сознанијата покажуваат дека имунитетот на телото се намалува со текот на времето, па целта на овие дополнителни дози ќе биде да го засили, а со тоа и сериозно да ги намали шансите за зараза или сериозна болест“, рекол Бенет.

Израел користеше вакцини од „Фајзер“ при имунизацијата на населението. Досега дополнителни дози од вакцината се користеле во некои земји каде вакцинацијата била извршена со кинески и руски вакцини.