Повеќе од една милијарда вакцини против Ковид-19 веројатно завршиле во ѓубре поради нееднаквата дистрибуција на вакцините низ светот, стравот од вакцинација и складирање на несоодветни температури, покажува анализа од здравствената групација „Ерфинити“.
Компанијата за аналитика проценува дека 1,1 милијарди дози, околу 10 проценти од целокупното производство на Ковид вакцините пропаднале откако вакцините биле одобрени кон крајот на 2020. Нивните проценки се и дека скоро 800 милиони дози пропаднале во првите шест месеци од оваа година, пренесува Фајненшл Тајмс.
Генералниот директор на „Ерфинити“, Расмус Бич Хансен, вели дека најверојатно уште вакцини ќе пропаднат оваа година, иако компаниите кои ги прават вакцините планираат да го намалат производството.
„Многу места немаат доволно вакцини. Пошироки кампањи за вакцинација можат да донесат подобра заштита и да спасат животи“, изјавил Бич Хансен.
Дел од пропаднатите дози е очекувано, со оглед на тоа што медицинските средства имаат краток рок на траење – па дури е и поочекувано во време на пандемија кога работите брзо се менуваат и побарувачката е тешко да се предвиди.
Сепак главниот аналитичар на „Ерфинити“, Мат Линли, вели дека значаен сегмент од овој проблем е што владите донирале вакцини со краток рок на траење на земјите во развој.
„Една од најголемите работи кои ги забележавме во извештаите е дека земјите ги добиваат донациите предоцна, многу блиску до крајниот рок на траење, па немаат многу време да ги искористат“, вели тој.