Пандемијата предизвика најголемо континуирано назадување во имунизација на децата во последните 3 децении

Официјалните податоци објавени денес од страна на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) покажуваат најголем тренд на опаѓање во процентот на вакцинација на деца во последниве триесетина години, се посочува во заедничкото соопштение на СЗО и УНИЦЕФ.

Оттаму посочуваат дека процентот на деца што примиле три дози вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис (ДТП3), показател за опфат со имунизација на домашно и меѓународно ниво, се намали за 5 процентни поени меѓу 2019 и 2021 година на 81 отсто.

Поради тоа, тие додаваат дека 25 милиони деца пропуштиле една или повеќе дози рутинска имунизација од ДТП само во 2021 година, односно како што додаваат, за 2 милиони повеќе од бројот на оние што пропуштиле вакцинација во 2020 година и за 6 милиони повеќе од 2019 година, што го истакнува растечкиот број деца во ризик од тешки болести кои можат да се спречат со вакцинација.

Намалувањето, тие велат дека се должи на бројни фактори, вклучително и поголем број деца што живеат во услови на конфликт или нестабилност каде пристапот до имунизација често е отежнат, зголемено ширење на лажни информации, но и проблеми што произлегоа од пандемијата со Ковид-19.

„Ова е знак за тревога за здравјето на децата. Сведочиме најголемо континуирано опаѓање на стапките на имунизација на децата во повеќедецениски период. Последиците ќе се мерат во загубени животи. Иако за минатата година се очекуваше одредено заостанување по пандемијата како резултат од рестриктивните мерки и нарушувања на процесите поради КОВИД-19, ова што сега го гледаме е континуирано опаѓање. КОВИД-19 не е оправдување. Потребно е да се надомести пропуштената имунизација на милиони деца; во спротивно, неизбежно ќе видиме повеќе епидемии на болести, поголем број заболени деца и засилен притисок врз веќе оптоварените системи за здравствена заштита“, изјави Кетрин Расел, извршна директорка на УНИЦЕФ.

Во текот на годината, 18 милиони од 25 милиони деца не примиле ниту една доза ДТП, од кои огромно мнозинство живеат во држави со ниски или средни нивоа на приходи, а највисоки бројки се забележани во Индија, Нигерија, Индонезија, Етиопија и Филипини. Меѓу државите со најголеми релативни зголемувања во бројот на деца што не примиле ниту една вакцина во периодот од 2019 до 2021 година се Мјанмар и Мозамбик, се додава во заедничкото соопштение.

„На глобално ниво, изгубена е повеќе од една четвртина од опфатот со вакцини против ХПВ што се постигна во 2019 година. Ова има тешки последици по здравјето на девојките и жените, бидејќи стапката на опфат со прва доза на вакцината против хуман папилома вирус (ХПВ) е само 15%, и покрај тоа што првите вакцини добија одобрение за употреба пред повеќе од 15 години. Постоеја надежи дека 2021 ќе биде првата година на заздравување во која ќе бидат обновени нарушените програми за имунизација и ќе се надоместат пропуштените вакцини кај децата што пропуштиле имунизација во 2020 година. Наместо тоа, опфатот со ДТП3 опадна на најниско ниво од 2008 година. Ова, заедно со намалувања во опфатот со други основни вакцини, го изместија светот од правецот на напредување кон глобалните цели, вклучително и показателот за имунизација од Целите за одржлив развој“, посочуваат од СЗО и УНИЦЕФ.

СЗО и УНИЦЕФ работат со Гави – алијанса за вакцини и други партнери во насока на постигнување на Глобалната агенда за имунизација 2030 (АИ2030), стратегија за сите држави и релевантни глобални партнери за остварување поставени цели за спречување болести преку имунизација и испорака на вакцини до секого, насекаде, на сите возрасти.

„Трогателно е да се гледа како сé поголем број деца не добиваат заштита од превентабилни болести веќе втора година по ред. За Алијансата мора да биде приоритет да им помогне на државите да ја одржат, обноват и зајакнат рутинската имунизација напоредно со реализација на амбициозни планови за вакцинација против КОВИД-19, не само со помош во вакцини, туку и приспособена структурна поддршка за здравствените системи што ќе ги спроведуваат тие програми“, изјави Сет Беркли, извршен директор на Гави – алијансата за вакцини.

Партнерите на АИ2030 апелираат до владите и другите релевантни чинители:

  • Да се интензивираат напорите за фаќање чекор и надоместување на пропуштените вакцинации со цел да се надминува назадувањето во рутинските имунизации, и да се прошират активните мерки за досегање до населението во недоволно опслужени подрачја со цел да се допре до децата што пропуштиле вакцинирање и да се спроведат кампањи за спречување на епидемии;
  • Да се реализираат стратегии поткрепени со докази, фокусирани на луѓето и скроени според потребите, во насока на градење доверба во вакцините и имунизацијата, спротивставување на неточните информации и поголемо прифаќање на вакцини, особено кај ранливите и загрозените заедници;
  • Да се обезбеди подготвеноста и реакцијата на пандемијата, како и напорите за зајакнување на глобалната архитектура на здравствени системи, да доведат до вложувања во услуги во примарната здравствена заштита (ПЗЗ), со изречна поддршка за зајакнување и одржување на клучната имунизација;
  • Да се обезбеди политичка посветеност од државните власти и да се зголемат износите на ресурси на домашно ниво наменети за зајакнување и одржување на имунизацијата во рамките на ПЗЗ;
  • Да се даде приоритет на системите за информации и следење на здравствената состојба и заболувања со цел да се обезбедуваат податоци и следење неопходни за остварување на максимални ефекти од програмите; и
  • Да се искористат и зголемат вложувањата во истражувања за развој и подобрувања на нови и постојни вакцини и имунизациски услуги што можат да ги исполнат потребите на заедниците и да ги остварат целите на АИ2030.