Изработен Прирачник за вработување лица со аутизам

Здружението за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“ информираа дека е изработен Прирачник за поддршка на работодавачи при вработување на лица со аутизам, во рамки на Еразмус + проектот: „Labor Inclusion for People with Autism“ („LIPS“).

Специјалните едукатори и рехабилитатори од државата кои со нивните колеги од неколку европски држави го изработија прирачникот велат дека дава сеопфатна слика за создавање на ресурси за поддршка на работодавачите кои сакаат да го негуваат невродиверзитетот во нивните компании, а лицата со аутизам да ги искористат своите капацитети, потенцијали и таленти за поголема продуктивност во работата.

Оттука, во Прирачникот во над 40 страници се дадени практични и прецизни совети за работодавачите, надминување на стигмата за аутизмот, карактеристиките на состојбата, потребата и важноста од вработување на аутистично лице.

Исто така, споделени се практики од поразвиените европски земји, какво е вработувањето во мала, средна, голема компанија, како и кои се најважните совети за успех и како да се надминат предизвиците при вработување лица од спектарот на аутизмот.

Во разговор со Радио МОФ, специјалната едукаторка и професорка Јасмина Трошанска, на почетокот на годината потенцираше дека компаниите треба да создаваат услови за поефективна инклузија на пазарот на трудот.

Кај нас, посочи таа, немаме евиденција на вработени лица со аутизам воопшто. Дополнително, високофункционалните лица од спектарот на аутизмот се недијагностицирани. Тие често и се непрепознаени од работодавачите и колегите, кои не ја поимаат нивната состојба, пример Аспергеров синдром, туку дека имаат „чуден“ колега на работа, со „специфични однесувања“ и сл.

„Иако овие лица често се успешни во својата професија, способни, тие се несреќни на работното место. Многу пати нашите компании на работните места бараат голема флексибилност, а токму тоа е главен проблем на лицата со нарушувања од спектарот на аутизмот. Тоа значи, постојано менување на распоредот на обврските, условите за работа, дополнително работно време, ‘дојди утре уште еден час’, или ‘дојди утре порано’. Целата таа средина влијае да не може да ги искажат силните страни. Да ги искажат во вистинско светло своите потенцијали“, посочи Трошанска.

Јасмина Трошанска: Компаниите да создаваат работна средина каде лицата од спектарот на аутизмот ќе ги достигнат потенцијалите

Бојан Шашевски