Изложба „Екологија на идеи“ во „Мала Станица“

Патувачката изложба „Екологија на идеи“, ќе биде претставена во мултимедијалниот центар „Мала станица“ – Национална галерија, на 12 април.

Изложбата ќе биде отворена со почеток во 20 часот, а ќе ѝ претходи промоција на книгата за деца „Ветерна приказна“ од Ника Гавровска, дополнета со изложбата на илустрации од Наташа Андонова.

„Како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка. Малата Верта тргнува на патување, при што ѝ се случуваат низа средби, поточно 12 луѓе што се книжевни огледала на 12 вистински ликови од современиот живот што живеат денес и секојдневно на свој начин придонесуваат за поубав свет“, велат организаторите.

По промоцијата, фокусот ќе се насочи кон изложбата „Екологија на идеи“ чиј куратор е режисерот и драматургот Џан Марија Черво.

Организаторите објаснуваат дека изложбата е идејно конципирана во три изложбени простории тематски поврзани, но концептуално различни.

Тие дополнуваат дека изложбата е комбинација од различни пристапи со цел да се обрати на различна публика и да ја искомуницира еколошката криза со која се соочува современиот свет.

„Изложбата ги опфаќа темите на општествена апатија и отсуство на дела, но нуди и решенија за основните прашања како: Дали треба да ја видиме бојата на воздухот што го дишеме за да дејствуваме? Како се поаѓа од чувството на бесполезност? Како дејствуваме како поединци, а како дејствува заедницата? Што значи политичка, општествена и емоционална криза? Кои се првите чекори како уметници?“, посочуваат организаторите.

„Екологија на идеи“ е изложба дел од интернационален проект во кој учествуваат Македонија, Италија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија, а кој се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени.