Избрани победниците на натпреварот „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2023“

Изминатиов викенд се одржа 17-иот годишен натпревар „Најдобар бизнис концепт 2023 – Натпревар за зелени иновации“, организиран во рамки на европскиот проект GREENOVET преку Центарот за извонредност во зелени иновации (ЦИЗИ) при Машинскиот факултет во Скопје.

Оваа година, првото место припадна на тимот „EkoLink – 3D Factory“ од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, на второ место се најде тимот „MPS-free (Microplastic soil free)“ од СОУ „Методи Митевски – Брицо” – Делчево, а третото место го делат „AgriCycle Solutions“ од СОУ „Цар Самоил“ – Ресен и „MAD Lights“ од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.

„Победниците ќе учествуваат на меѓународниот натпревар за зелени иновации кој ќе се одржи во септември 2023 во Скопје“, велат од Македонија2025.

Од таму посочуваат дека натпреварот е наменет за гимназии и средни стручни училишта на територија на Македонија. Главната цел на натпреварот е да се поттикне претприемачкиот дух на младите, како и да им се овозможи контакт и вмрежување како со своите истомисленици, така и со институции кои понатаму можат да обезбедат дополнителна поддршка во развојот на нивните идеи.

„За реализација на овој натпревар, беше објавен јавен повик на кој можеа да аплицираат сите училишта од земјата. Добиените апликации се разгледуваат од стручна комисија составена од професионалци од наведените институции и организации. Најдобрите 16 тимови беа дел од големото финале на Машинскиот факултет, Универзитет ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, кое вклучуваше учество од над 100 ученици и ментори од средните училиштата. Концептот на натпреварот се одвиваше преку т.н. ‘битки’ на училиште против училиште согласно жрепката, преку елиминација во четири круга, а оценувањето на тимовите/презентациите се одвиваше на лице место од страна на тим од судии, составен од различни профили на професионалци, од институциите партнери на натпреварот“, соопшти организаторот.

На крајот на натпреварот, првопласираните 4 тима добија парична награда од страна на Македонија2025 и Халкбанка АД Скопје, за продолжување и развој на својата идеја/проект.