Избрани петте домашни илустратори на конкурсот „Свет со љубов“ на „Литера“

Од Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ ги објавија победниците од распишаниот конкурс за илустратори на тема „Свет со љубов“.

Оттаму посочуваат дека петте илустратори  ќе им се придружат на мултимедијалните уметници од Хрватска на петтото издание на фестивалот што ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје.

Победници на конкурсот се академските уметници Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска.

Нивните дела создадени на темата „Свет со љубов“ ќе бидат изложени заедно со делата на Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара, големи имиња на хрватската илустрација.

На повикот биле пријавени 30 автори, чии дела биле оценувани од тимот на „Литера“, составен од ликовни уметници, академски графичари, графички дизајнери, историчари на уметност и новинари темелно ги разгледа сите пристигнати автори.

Оттаму велат дека фестивалот ќе откупи најмалку по едно дело од петтемина избрани уметници.

„Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори, а откупот е вистинската форма како да го сториме тоа. Нè радува интересот на младите илустратори кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите“, велат од „Литера“.

Оттаму додаваат дека покрај излагањето на нивните дела на фестивалот, македонските уметници активно ќе учествуваат на фестивалот и ќе творат во живо во Музејот на град Скопје.

Наесен ќе бидат претставени и на изложбата „Македонска современа илустрација“ во македонскиот Културно- информативен центар во Загреб, Хрватска.