Источната американска пума прогласена за изумрен вид

Источната американска пума е прогласена за изумрен вид и тргната од листата загрозени видови во САД, 80 години откако е последен пат видена. Ова животно некогаш можеше да се сретне во северноамериканскиот појас од Мичиген до Јужна Каролина.

Големите мачки наречени пуми- планинските лавови и пантерите, во минатото живееја на подрачјето на сите сојузни американски држави источно од реката Мисисипи, но до 1900-тите, поради системското убивање со лов и стапици, скоро целосно исчезнале, според американската Агенција за риби и животински свет.

Агенцијата во 2011 година почна системско преиспитување на статусот на источната пума, нивните генетски роднини – планинските лавови коишто се уште населуваат голема површина од САД, како и на малата загрозена популација на пантери на Флорида, коишто може да се видат само на подрачјето на мочуриштето Еверглејдс.

Во 2015 година, американските сојузни биолози заклучиле дека нема никакви изгледи да се пронајдат пумите на подрачјето на источната половина на САД, па нема потреба за заштитата што ја овозможува Законот за загрозени видови.

Одлуката за нивно бришење од листата, е донесена како конечна неделава.