„Испробување феминистички иднини“ со „Мачката Елеонора“ на МОТ+

Во рамки на овогодишното издание на МОТ, Тиииит! Инк. преку Платформата за изведувачки уметности „ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ“, ќе се претстави локален интердисциплинарен колектив.

На 17 ноември, со почеток во 18 часот, во МКЦ Галерија 2, ќе биде претставен колективниот и интердисциплинарен проект „Мачката Елеонора“, кој  допира до актуелни феминистички прашања преку преиспитувањето на можностите за радикална самоопределба и идентитетска трансформација.

Организаторките истакнуваат дека петчлениот колектив истражува централни прашања од феминистичкиот и родовиот дискурс, како и можностите за колаборативна изведувачка практика која се води од дијалогот помеѓу теоријата и уметноста.

„Истражувајќи ги овие проблематики преку комбинирањето на различни перформативни медиуми кои меѓудругото вклучуваат видео, трансформација на простор, звук, тело, говор и авторски текст, колективот се занимава и со сопствената позиција во локалниот уметнички контекст, преведувајќи го изворниот текст и како израз на индивидуалната и колективна криза на припадност и неприпадност“ велат од „Тиииит! Инк“.

Адаптацијата на истоимената монодрама на гермаската авторка Карен Јес, е направена од страна на архитектката Моника Ангелевска, компаратистката и истражувачката на современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката Јасмина Василева, истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска.

Премиерата на феминистичкиот перформанс ќе се одвива во рамки на програмата МОТ+.

Во 2021 Тиииит! Инк. ја формираше Платформата за изведувачки уметности, со цел преку поддршка на кревката независна сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на локалната продукција во полето на современите изведувачки уметности.

„Истата година во рамки на MOT, премиерно беа изведени два авторски феминистички перформанса развиени во рамки на Платформата низ процес темелен на солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка – СРАМ на актерката Ангела Стојановска и ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ на танчерката и кореографка Јована Зајкова“, велат од „Тиииит! Инк“.