„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во официјална селекција на Санта Барбара, Калифорнија

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ќе ја има својата премиера во Соединетите Американски Држави на престижниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија. Филмот ќе се прикажува во компетитивна селекција на интернационални филмови заедно со уште 11 филма.

Премиерното прикажување ќе биде на 1-ви февруари, а филмот ќе има уште две проекции во текот на фестивалот.

Ова е 32-ро издание на SBIFF, интернационалниот филмски фестивал, Санта Барбара. Со своите активности тој последните години е еден од водечките филмски фестивали во Соединетите Американски Држави, кој нуди дела од независната и интернационална кинематографска сцена и привлекува повеќе од 90,000 гледачи. Во склоп на фестивалот се оддаваат и посебни признанија на филмските ѕвезди. Некои од добитниците на наградите од изминатите години се Анет Бенинг, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино, Џенифер Лоренс и Шарлиз Терон, а овогодинешна добитничка е Серше Ронан за улогата во филмот „Lady Bird“.

„Исцелител“ овој викенд ја имаше својата премиера во Кочани, каде двете проекции беа проследени со огромен интерес од страна на многубројната публика. Филмот веќе девета седмица се прикажува во кината во Скопје, а досега имаше и проекции во Битола и Штип. „Исцелител“ во кино салите досега беше прикажан пред повеќе од 10,000 домашни гледачи.