Иран помилува околу 22.000 луѓе уапсени на протестите по смртта на младата Махша Амини

Шефот на иранското правосудство Голамхосеин Мохсени Еџеи денескка изјави дека околу 22.000 лица кои беа уапсени за време на повеќемесечните протести против иранската влада се помилувани, објави иранската новинска агенција ИРНА, пренесува Ал Џазира Балканс.

Антивладините протести започнаа низ Иран во септември, по смртта на младата Иранка Махша Амини во полициски притвор. Во масовните демонстрации имаше и неколку стотици жртви.

Првите демонстранти беа помилувани од врховниот водич Али Хаменеи во февруари.

Организацијата Амнести интернешнл и иранската невладина организација „Центар Абдорахман Боруманд“ неодамна објавија дека иранските власти егзекутирале најмалку 94 лица од почетокот на годинава, вклучително и некои кои беа осудени на смрт за учество во протестите.

Иранските власти се на мета на критики од западните земји за задушување на протестите и наметнување строги казни за учесниците.